Портпаролката на американскиот претседател Доналд Трамп, Кејли Мекени изјави дека претседателот и целата администрација го осудуваат насилството во Конгресот како „неамериканско“ однесување и побара лицата кои го прекршиле законот да бидат кривично гонети.

– Ние тоа го осудуваме, претседателот и оваа администрација, најостро што може, посочи Мекени.

Таа додаде дека однесувањето на демонстрантите е неприфатливо и оти прекршителите на законот треба да бидат процесуирани.

Трамп синоќа на Твитер објави видео во кое директно ги осуди насилниците.

– Тие кои извршија насилство не ја претставуваат нашата земја, а тие кои го прекршија законот, ќе платат, истакна Трамп.

Тој првпат го призна поразот на претседателските избори.

– Конгресот ги потврди резултатите. Новата администрација ќе биде инаугурирана на 20 јануари. Сега сум фокусиран на обезбедување непречено, уредно и беспрекорно предавање на власта. Ова е време за лекување и помирување, истакна Трамп.

На 6 јануари приврзаниците на Трамп упаднаа во Конгресот со цел да спречат верификација на победата на Џо Бајден, при што загинаа пет лица, а повредени се повеќемина.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/01/2021 10:53