Општина Центар врз основ на судски пресуди и активирани банкарски гаранции во буџетот успеала да инкасира вкупно 223.973.602 денари, односно речиси 4.000.000 евра.

– По основ на активирани банкарски гаранции и договорни казни од вкупно шест постапки, изминатата година Општина Центар во буџетот инкасирала 65.125.816, 00 денари, а во буџетот на РСМ се слеале 25.389.383, 00 денари. Најголемиот дел од средствата се наплатени на име на договорна казна со правно лице од Скопје, поради незавршување на градба на објект во предвидениот рок кој бил наведен во добиеното одобрение за градба, информираат од општинската прес-служба.

Оттаму велат дека активирана се и банкарски гаранции од правно лице од Скопје во стечај, каде општината за непочитување на склучени договори и непреземање на договорни обврски, наплатила износ од 1.240.000, 00 денари.

„Од 10 судски предмети Општина Центар во 2020 година успеа да внесе во својот буџет дополнителни 133.458.403, 00 денари. Овие средства општината ги наплатува по основ на долгови од повеќе јавни институции, правни и физички лица. Покрај горенаведените активности, општината има неколку отворени постапки каде средствата не се сѐ уште извршени, а поднесена е и кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против едно лице за постапување спротивно на членот 389 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија, односно за незаконско симнување или оштетување на службен печат или знак што го ставило овластено службено лице за осигурување на предмет или просторија“, се наведува во соопштението од Општина Центар.

Средствата собрани од долговите и наплатените договорни казни, од општината информираат дека ги реинвестираат и се користат за тековно функционирање на општината и за подобрување на условите за живот на граѓаните.

„Од овие средства општината ги сервисира редовните финансиски обврски, но и ги реконструира улиците под нејзина надлежност, реконструира градинки и основни училишта, гради игралишта, паркови и зелени површини и други работи неопходни за жителите на Општина Центар“, се вели во соопштението од општината.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/01/2021 22:32