Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) вечерва потврди дека македонската репрезентација ќе настапи на Мундијалот што утре започнува во Египет, откако претходно денеска Чешка го откажа настапот поради коронавирус во своите редови.
– Како последица на неколку позитивни резултати по задолжителното тестирање за Ковид-19 пред заминувањето за Египет, репрезентацијата на Чешка официјално го откажа својот настап на 27-то Светско првенство, што од 13 до 31 јануари ќе се одржи во Египет. Во согласност со Ковид-19 протоколот и пропозициите, првата резерва – Северна Македонија – доби покана за настап, соопшти ИХФ.
Членовите на македонската ракометна експедиција, во меѓувреме, беа тестирани на коронавирус во Скопје и сите резултати се негативни.
Избраниците на селекторот Данило Брестовац ќе играат во Г-групата заедно со домаќинот Египет, Чиле и репрезентацијата на Шведска, против која в четврток го играат првиот натпревар на Мундијалот.
Чешките медиуми попладнево ја пренесоа изјавата на селекторот на ракометната репрезантација на Чешка, Јан Филип дека настапот на тимот на Светското првенство официјално е откажан.
– Денеска заклучивме дека повеќе не гледаме светлина на крајот од тунелот, изјави Филип, цитиран од весникот „Иднес“.