На улицата „Антон Попов” во Гази Баба се поставува нова водоводна мрежа во должина од 710 метри и дијаметар од 200мм.
Генералниот директор на ЈП „Водовод и канализација – Скопје”, Душко Весковски при вчерашниот увид на работните активности со градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, информирал дека новата водоводна мрежа е во вредност од околу 16 милиони денари.
– Со реализацијата на овој проект ќе се изврши замена на старите азбестни цевки и ќе се создадат услови за приклучување на постоечките објекти на оваа нова линија. Новата водоводна линија на ул. „Антон Попов” ќе биде поврзана на постоечката водоводна на ул. „Христофер Жефаровиќ”, која ЈП „Водовод и канализација” ја изведе 2019 година, со што ќе се обезбеди кружно циркулирање на водата. Продолжуваме со инвестициите за обнова и реконструкција на водоводната и канализационата мрежа во градот Скопје, со цел подобрување на истата и услугите кон граѓаните, потенцирал Весковски.
Од ЈП „Водовод и канализација – Скопје” посочуват дека континуирано продолжуваат со реализацијата на проектите и инвестициите кои се однесуваат на обнова и реконстукција на водоводната и канализационата мрежа, самостојно, но и во соработка со општините и Град Скопје.