По контроверзиите што избувнаа викендов околу наводна месинџер-преписка, глумецот Арми Хамер го напушти филмот „Принудна свадба“ (Shotgun Wedding).

Пораките кои му се припишуваат на глумецот, говорат за нагони за силување, канибализам и други вулгарности. Тој порекнува каква било поврзаност со преписката.

– Не одговарам на овие глупости, но во светло на тие злобни и лажливи интернет-напади против мене, не можам сега мирно да ги оставам моите деца четири месеци заради снимање филм во Доминиканската Република. „Лајонсгејт“ ме поддржува во ова и јас сум им благодарен, рече тој за „Варајети“.

Наводите ги потврдија и од продукциската компанија одговорна за филмот.

„Како што наближуваше датумот за почеток на снимањето на ’Принудна свадба’, Арми побара да се тргне од филмот и ние го поддржуваме во неговата одлука“, соопшти „Лајонсгејт“.

Љубовната комедија „Принудна свадба“ е во претпродукција. Ќе биде режирана од Џесон Мур, сценариото е на Марк Хамер и Елизабет Мериветер, а главната женска улога ѝ припадна на Џенифер Лопез.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2021 12:01