Германија со службени 10:0 ќе го добие мечот од второто коло во групата А на Светското ракометно првенство против Зеленорстските острови, откако африканската репрезентација пријави денеска два позитивни случаи на коронавирус и остана без доволен број ракометари за утрешната пресметка.

Согласно Ковид-19 протоколот, секоја репрезентација мора да има најмалку десет подготвени ракометари, меѓу кои еден голман, што во моментов не е случај во редовите на Зеленорстките острови, кои по двата позитивни случаи останаа со само девет расположливи играчи.

Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) соопшти попладнево дека африканската репрезентација има право да повика дополнителни ракометари, кои по пристигнувањето во Египет ќе мора да бидат тестирани на коронавирус и во изолација да ги чекаат резултатите од испитувањата, што одигрувањето на утрешниот натпревар од 18 часот го прави невозможно.

Пропозициите поврзани со Ковид-19 на Мундијалот во Египет предвидуваат дисквалификација на репрезентација, која службено ќе загуби три натпревари поради недоволен број на ракометари.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2021 19:14