Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер изрази денеска „големо олеснување“, неколку часа пред инаугурацијата на Џо Бајден за претседател на САД, нагласувајќи дека тоа чувство го делат многумина во Германија.

– Се радуваме што САД како незаменлив партнер во иднина повторно ќе биде со нас за многу прашања: во заедничката и солидарна борба против пандемијата на Ковид-19, глобалната климатска заштита, безбедносните прашања, истакна Штајнмаер во видео-порака.

Тој, исто така, е уверен дека „разликите во ставовите нема да ги раздвојуваат двете страни“, туку тие на „уште поинтензивен начин ќе бараат заеднички решенија“.

Во текот на четири годишниот претседателски мандат на Доналд Трамп се нарушија традиционално блиските германско-американски односи.

Штајнмаер нагласи дека не смее да се заборави оти „популизмот ја освои најмоќната демократија во светот“,

– Мораме одлучно да застанеме против поларизација, да ја заштитиме и зајакнеме јавната сфера на нашите демократии, оцени германскиот претседател, додавајќи дека политиката треба да биде „заснована на разум и факти“.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2021 15:33