На парцелата зад инфективното одделение при прилепската градска болница почна да се поставува модуларната болница. Градежните работи се во тек, поставени се „бараките“, а допрва ќе биде уредувањето. Болницата е на околу 1 200 метри квадратни со капацитет за 32 пациенти со Ковид-19.

Според директорот на прилепската градска болница Драган Богојески, допрва ќе биде уредувањето на модуларната болница.

– Активностите се во тек, капацитетот е за 32 пациенти од Ковид-19. Ќе има лабораторија, рендген за пациентите да не поминуваат повеќе одделенија туку сите анализи да се прават на едно место. Целта е да се растерети инфективното одделение. Сите пациенти со Ковид-19 оттаму ќе бидат во модуларната болница, изјави Богојески.

Ситуацијата со Ковид-19 моментално е стабилна и е намален бројот на хоспитализираните пациенти. Моментално се 35, а денеска се затвора ковид одделот во интерното одделение.

– Пред еден месец го затворивме ковид-одделот на гинеколошкото, денеска на интерното одделение. Неколкуте пациенти веќе се транспортираат во другите оддели. Активни се инфективното, а до крајот на месецов, ако остане стабилна ситуацијата, ќе се затворат ковид-одделите на очното и на одделението за уво, нос и грло, вели Богојески.

Персоналот со обврските ротира во одделенијата. Ако стигнат согласности, прилепската болница ќе вработи 12 лекари и 10 медицински сестри кои досега имале договори за одредено време.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2021 00:11