Македонската ракометна репрезентација го претрпе вториот пораз во главната фаза на Светското првенство, откако попладнево загуби убедливо од Русија со 32:20 (19:9).

Победникот на мечот беше решен веќе на средина на првото полувреме, во кое македонските ракометари почетниот гол го постигнаа дури во шестата минута, а по 17 минути игра на семафорот стоеше убедлива предност на Русите од 10:3.

Македонците со серија од 3:0 на стартот на вториот дел ја намалија негативата од десет голови на полувреме, но Русија рутински до крајот ја одржуваше предноста, нанесувајќи им го на избраниците на Данило Брестовац четвртиот пораз во петтиот натпревар на Мундијалот во Египет

Најефикасен во македонските редови беше Филип Кузмановски со шест погодоци.

По два одиграни натпревари во Групата 4, македонските ракометари се последнопласирани без освоен бод, а во последното, трето, коло противник ќе им биде Белорусија, в недела од 15:30 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2021 21:44