Екипи на Општина Карпош деновиве интензивно работат на сервисирање на прегореното уличното осветлување на неколку локации на територијата на локалната самоуправа.
– Беше саниран поголем дефект на ул. „Волгоградска“ во Карпош 4, наспроти „Сити мол“, но и на околните улици во оваа населба, каде беа сменети повеќе склопки и светилки. Интервенции на уличното осветлување имаше и на улица „Дрезденска“ во Тафталиџе 1, како и на Кејот на Вардар, во Злокуќани и Бардовци. Од спротивната страна на „Партизанска“ се работеше на поправки на светилките во Влае 2, урбаната заедница „Пецо Божиновски Кочо“ и Тафталиџе 2, соопшти Општина Карпош.
Поправките на уличното осветлување на општинските сообраќајници се прават во текот на денот, со цел, како што посочува Општината, точно да се лоцира дефектот и заради проверка дали е отстранет, па честопати граѓаните забележуваат дека светилките светат и дење.
– Општинските служби во континуитет вршат интервенции на уличната мрежа со цел да има поголема безбедност во движењето и сообраќајот во Карпош, наведува Општината.