Познатиот телевизиски и радио водител Лари Кинг почина денеска на 87-годишна возраст, објави неговата медиумска компанија „Ора Медиа“, без да ја открие причината за неговата смрт.
Медиумите соопштија дека Кинг повеќе седмици се борел со Ковид-19, откако претрпе неколку здравствени проблеми во последните неколку години, вклучително и битката со карцином.
– Шеесет и три години на радио, телевизија и дигиталните медиуми, илјадниците награди на Лари за неговите интервјуа и признанијата во светски размери сведочат за неговиот оригинален и непобитен талент како телевизиска фигура. Лари секогаш гледше на своите соговорници во интервјуата како на вистински ѕвезди во своите шоу програми, се вели во последното соопштение на „Ора Медиа“, неговиот најнов работодавач.
Поранешното лице на Си Ен Ен почина во медицинскиот центар „Седарс-Синај“ во Лос Анџелес.
Телевизискиот водител беше светски познат по својата емисија „Лари Кинг во живо“.
Познатиот ТВ и радио водител беше една од најпознатите американски медиумски личности, која интервјуираше политичари, познати лица и други јавни личности. За време на својата кариера, тој има направено над 30.000 интервјуа.