Македонскиот ракометен прволигаш Металург соопшти вечерва дека постигнал спогодбен раскин на договорите со Србинот Никола Потиќ и Хрватот Маријан Мариќ, најавувајќи оти клубот во иднина повеќе ќе се потпира на домашни играчи.

-И двајцата ракометари беа надвор од квотата за странски играчи пропишана од нашата Федерација, а со нивното заминување корист ќе имаат македонските играчи на нивните позиции, се наведува во клупското соопштение.

Првиот човек на Металург, Зорица Блажевска, оцени дека е дојдено време Мартин Серафимов да го понесе товарот на прв десен бек во тимот и репрезентацијата, додавајќи оти е потребна заедничка стратегија на македонските екипи за поголем ангажман на младите домашни ракометари.

-Серафимов е спремен и физички и психички, созреан доволно за да може да одговори на тој предизвик, во клубот и во репрезентацијата. Мое мислење, како претседател на македонски клуб и член на УО на РФМ, е дека во овој период сите клубови заеднички треба да помогнеме и да ги подигнеме македонските играчи на ниво на кое ќе можат да и помогнат на репрезентацијата. Странските искусни играчи ќе бидат секогаш добредојдени, покрај нив младите ќе можат да учат и да напредуваат. Ситуацијата е загрижувачка и затоа мора да се направи чекор повеќе за развивање на играчите во сите клубови, изјави Блажевска за клупскиот сајт.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/01/2021 01:17