Околу 900 агенции за вработување во Франција, денеска се затворени, затоа што вработените ќе и оддадат едноминутно молчење на нивната колешка убиена во Валанс на нејзиното работно место, јави дописникот на МИА.

Во регионот Оверњ Рона-Алпи, агенциите беа затворени од четвртокот попладне, односно „физичките и телефонски приеми, како и програми за обука закажани во 98 агенции во регионот“.

Центарот за вработување формира единица за психолошка поддршка за своите агенти.

-По тоа што се случи вчера секој од вработените на Агенциите за вработување може да помисли дека може да биде жртва. Имаме зголемување на неграѓанското однесување и конфликтите. Но, мора да бидеме внимателни да не ја приближиме оваа драма кон сегашната криза и да извлечеме поуки од поинаков поредок. Или тоа е изолиран чин, или кажува нешта за општеството кое се оддалечува, реагираше денеска на радио Класик, Лоран Бержер, генералниот секретар на синдикатот ЦФДТ.

Еден ден претходно, преку соопштение, федерацијата на ЦФДТ изразија легитимна загриженост пред „оваа трагедија на неверојатно насилство“. Синдикатот повика на силни акти за да „одговори на стравот на вработените во Центарот за вработување“ и забележува дека дури и ако овој ужасен чин е исклучителен, тоа исто така ги покажува тешкотиите со кои се соочуваат вработените во локалните афенции на Центарот при вршење на нивната професионална активност на дневна основа, особено во пречекувањето на јавноста “.

Слична е реакцијата и на синдикатот ЦЖТ. „Социјалната мизерија и очајот на дел од населението, за жал, може да доведат до овие активности, вели синдикатот кој повикува на дела во корист на најпогоденото население“.

Вчераутро, околу 08:30 часот, 45-годишен невработен инженер, непознат за полицијата, влегол во Центарот за вработување во префектурата Дром и смртно повредил 53-годишна вработена.

-Тој разговараше со една вработена, без да знае дали ја познава и, многу брзо, пукаше со оружјето, смртоносно погодувајќи ја во градите, објасни јавниот обвинител во Валанс, Алекс Перан.

Напаѓачот потоа минал 10 километри со автомобил до просториите на компанијата специјализирана за производство на возила за собирање отпад во Гилхеранд-Гранж (Ардеш), од другата страна на Рона. Побарал да се сретне со директорот за човечки ресурси и „двапати брзо пукаше врз 51-годишен вработен и го погоди во пределот на стомакот и лицето, убивајќи го“, објасни Алекс Перан. Според него, напаѓачот бил вработен во оваа компанија меѓу 2008 и 2010 година, но сега престојувал во регионот Нанси, на 500 километри од Валанс.

Напаѓачот потоа избегал, преминувајќи преку мост во правецот на Валанс, но неговото возило удрило во полициски автомобил обидувајќи се да го пресретне. Неговиот автомобил беше идентификуван благодарение на вработен на агенцијата за вработување кој ја забележа неговата регистарска табличка. Осомничениот е уапсен и приведен е во притвор од 48 часа.

Овие две убиства се поврзуваат со уште едно убиство кое се случи во Алзас, каде на паркинг на компанијата беше убиена директорката за човечки ресурси, а бил извршен обид за убиство и врз друг директор за човечки ресурси. Засега нема потврда од истражните органи за поврзаноста на убиствата.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2021 12:08