Фондацијата на Глобалната мрежа на движењето „Животите на црнците се важни“ (Black Lives Matter) денеска е прогласена за добитник на наградата „Улоф Палме“ за 2020 година, јави ДПА.

Жирито посочи дека Фондацијата „работи на мирна граѓанска непослушност против полициската бруталност и расното насилство насекаде во светот“.

Корените на фондацијата се во движењето „Животите на црнците се важни“ (БЛМ), основано во 2013 година, по ослободителната пресуда за човекот обвинет за убиство на тинејџерот од Флорида, Трејвон Мартин, годината претходно.

Минатата година, движењето доживеа голем пробив во САД и на меѓународно ниво, откако реагираше на неколку случаи на полициска бруталност, кои имаа голем публицитет.

„Движењето БЛМ на пошироко ниво, на уникатен начин ги обелодени тешкотиите, болките и гневот на афроамериканското малцинство поради тоа што не се третирани еднакво сите луѓе со различна боја на кожата“, соопшти жирито во образложението на наградата.

Протестите во САД и низ целиот свет илустрираат дека „расизмот и расистичкото насилство не е само проблем во американското општество, туку глобален проблем, вклучително и во Шведска“.

Наградата, вредна 100.000 долари, е воспоставена во 1987 година во спомен на починатиот шведски премиер Улоф Палме, кој беше убиен во 1986 година.

Меѓу претходните добитници на наградата се докторот Денис Мукеве, ко-добитник на Нобеловата награда за мир во 2018 година, чешкиот политичар и дисидент Вацлав Хавел, лидерката на Мјанмар, Аунг Сан Су Кји и Амнести интернешенел.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2021 13:09