Воениот командант на Мјанмар, високиот генерал Мин Аунг Хлаинг, е во центарот на вниманието откако војската денеска уапси политичари од владејачката Национална лига за демократија (НЛД) и соопшти дека ја презема власта во земјата, а од 2019 година е под санкции на САД по обвиненија за геноцид врз муслиманите Рохинџи.

Војската на Мјанмар, попозната како Татмандав, е многу затворена и стручните аналитичари малку знаат за нејзината внатрешна организација и операции, како и за нејзиниот врховен командант, јави Ројтерс, пренесува Јаху њуз.

Агенцијата наведува неколку клучни факти за воениот лидер на Мјанмар и улогата на армијата во политичкиот систем на земјата.

Војската владееше директно речиси 50 години по државниот удар во 1962 година и долго време се гледаше себеси како чувар на националното единство, а откако го создаде уставот на Мјанмар во 2008 година, обезбеди постојана улога во политичкиот систем на земјата.

Според уставот, таа има 25 проценти места, а нејзиниот командант назначува министри за одбрана, внатрешни работи и гранични работи, клучни позиции во политичкиот живот на земјата, според агенцијата.

Врховниот командант Мин Аунг Хлеинг (64) избегнувал политички активизам кој беше раширен додека студирал право на универзитетот Јангон во периодот 1972-1974 година. Додека неговите колеги учествувале во демонстрации, Мин Аунг Хлаинг секоја година аплицирал за прием во Воената академија (ДСА), успевајќи во неговиот трет обид во 1974 година.

Според еден кадет од неговата класа во ДСА, во изјава за Ројтерс во 2016 година и кој сè уште го гледа армискиот командант на годишни собири на класата, Хлаинг бил просечен кадет и подоцна бил унапредуван само по редовен пат, па затоа бил многу изненаден кога Мин Аунг Хлаинг достигна највисоки воени позиции.

Мин Аунг Хлаинг го презеде раководството на армијата во 2011 година, кога започна транзицијата на земјата кон демократија. Дипломатите во Јангон за агенцијата рекоа дека до почетокот на првиот мандат на Су Чи во 2016 година, генералот се претворил од војник во политичар и јавна личност.

Врховниот командант никогаш не покажал знаци дека е подготвен да се откаже од 25 проценти места за војската во парламентот, ниту да дозволи каква било промена на одредбата во уставот што забранува Су Чи да стане претседател на земјата, според Ројтерс .

Мин Аунг Хлаинг си го продолжи својот мандат на чело на војската за уште пет години во февруари 2016 година, чекор што ги изненади набљудувачите кои очекуваа тој да се повлече таа година за време на редовната промена на раководството.

Воена операција во Мјанмар во 2017 година протера повеќе од 730.000 муслимани од малцинството Рохинџи во соседен Бангладеш, а американските истражители соопштија дека воената операција на Мјанмар вклучува масовни убиства, групни силувања и се спроведува со „геноцидна намера“.

Како одговор, САД воведоа санкции против Мин Аунг Хлаинг и уште тројца воени лидери во 2019 година, а против нив се покренати неколку тужби во различни меѓународни судови, вклучувајќи го и Меѓународниот суд на правдата.

Исто така, во 2019 година, истражителите на ООН ги повикаа светските лидери да воведат финансиски санкции за компаниите поврзани со војската.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/02/2021 12:29