Кремљ денеска го бранеше однесувањето на руските безбедносни сили за време на масовните апсења на демонстрантите што присуствуваа на протестите за поддршка на Алексеј Навални кој е во затвор.

– Се разбира, полицијата мора да преземе мерки против учесниците во овие нелегални собири, рече портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

Според Песков, на протестите имало „многу голем број хулигани и провокатори кои покажаа повеќе или помалку агресивно однесување кон властите“, и додаде дека било неопходно да се примени „целосната строгост на законот“.

ОВД-Инфо е независен медиумски проект за човекови права и политички прогони во Русија.

На протестите биле приведени повеќе од 5.100 демонстранти во најмалку 87 градови низ Русија, објави доцна синоќа интернет страницата на ОВД – независен медиумски проект за човекови права и политички прогони во Русија.

Меѓу приведените беше и сопругата на Навални, Јулија Навалнаја, која беше казнета со 20.000 рубљи (264 долари).

Според ОВД на протестите имало „непропорционално брутални акции“ на безбедносните сили против мирните демонстранти и соопшти дека тоа било најмасовно апсење откако е основана групата пред повеќе од девет години.

ОВД информира дека полицијата употребила пиштоли за зашеметување против демонстрантите, повеќе од 50 лица, наводно, биле претепани додека биле приведувани, а приведени биле и повеќе од 90 новинари во 31 град.

Навални (44) беше уапсен на аеродром во Москва на 17 јануари веднаш по неговото враќање од Германија, каде пет месеци закрепнуваше од напад со отров.

Тој ги обвинува рускиот претседател Владимир Путин и домашната тајна служба ФСБ за труењето. Путин и ФСБ го негираа обвинението.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/02/2021 14:32