Зимската бура во северисточниот дел на САД продолжува веќе трет ден и во некои држави предизвика затворање на центрите за вакцинација против Ковид-19.

Во многу места каде снежните врнежи се поинтензивни попречена е работата и на другите служби поврзани со пандемијата.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, во северниот дел на Вирџинија, и во округот Колумбија, снег паѓа веќе трет ден. На некои места снежната покривка е висока и до 20 сантиметри.

Лара Паган, метереолог од Националната временска служба, соопшти дека циклонот што се формирал над централното атлантско крајбрежје на САД „ќе се движи доволно споро“, носејќи со себе обилни врнежи од снег и силен ветер, кои ќе продолжат до денешните вечерни часови.

Повеќе снег има и во Пенсилванија, Њу Џерси, Њујорк и Конектикат каде снежната покривка може да достигне и до 30 сантиметри.

Поради невремето во Њу Џерси, гувернерот Фил Марфи затвори шест крупни центри во државата за вакцинација против Ковид-19.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/02/2021 21:21