Дел од Иницијативниот одбор на тутунарите кои во текот на откупната кампања се организираа преку социјалните мрежи, решија да формираат ново тутунско здружение. Под името „тутунска надеж” постапката за регистрација е во тек во Централниот регистер во Прилеп.
Според Николче Станкоски, член на новото тутунско здружение, ја имаат поддршката од голем број тутунари за да бидат застапувани за решавање на нивните проблеми, особено големи при оваа откупна сезона.
-Од контактите со тутунарите се создаде потреба од регистрирање ново тутунско здружение. Постапката во моментов е во тек во централниот регистер. Самиот назив „Тутунска надеж”, укажува на тоа дека се создава нова надеж за, колку, толку ублажување на катастрофалниот откуп на тутунот. Се нуди секакви вид помош и поддршка за тутунарите. Ситуацијата на теренот е тешка, моментално се откупува само квалитетниот тутун, а се проценува класа, две подолу. Другиот тутун не се прифаќа. Имаме поддршка од илјадници тутунари од повеќе региони во земјава. Апелираме до инспекторатот и министерството за земјоделство да бидат повеќе на теренот и да спречат секаква неправда, изјави Станкоски.
Од ова тутунско здружение велат дека ќе инсистираат на зголемувањето на субвенциите по класи и ќе достават и барања за новата реколта тутун и при склучувањето на новите договори.
Деновиве во Прилеп, и членот на Иницијативниот одбор на тутунарите Игор Мирчески најави формирање на здруженија на тутунарите.