Шпанската фудбалска федерација ќе го испита случајот со дефанзивецот на Барселона, Жерард Пике, кој ги обвини судиите дека му помагаат на Реал Мадрид, објави „Диарио Спорт“.
Фудбалерот рече: „Неодамна, поранешен судија кажа дека дека 85% од судиите го поддржуваат Реал Мадрид. Како нема да свиркаат во негова корист? Дури и несвесно, како тие можат да не судат во корист на една екипа?“
Тамошната федерација ќе процени дали коментарите на Пике ставаат сомнеж во интегритетот на судиите во лигата. Доколку се донесе такво решение, случајот ќе биде упатен до Комитетот за натпреварување, кој ќе отвори постапка против играчот на каталонскиот клуб.
Доколку се утврди дека Пике го прекршил членот на дисциплинскиот законик за изјавите во медиумите за судиите, тогаш тој може да биде дисквалификуван од 4 до 12 натпревари или да биде казнет со парична казна од 601 до 3.005 евра.