Компанијата „Сони“ одлучи – на својот нов „Дуалсенс“ контролер да му додаде едно дополнително својство… Се работи за 40.000 мали симболи на „Плејстејшн“ заради подобар перформанс на самиот џојстик.

Тоа е, всушност микротекстура составена од 40.000 многу мали знаци – квадратчиња, триаголници, кругови и буквата Икс, кои се наоѓаат на рачките на контролерот и служат за подобро ракување. „Сони“ претходно не откриваше подробности за ова, ниту за начинот на којшто тие се најдоа на контролерот, но мистеријата ја решија главните дизајнери Јужин Морисава и Такеши Игараши.

Со зголемување, може да се види дека тоа не е еднослојна текстура, туку малите симболи се наоѓаат еден над друг и се тридимензионално истакнати. Целиот дизајн е скициран со рака. Ова не е единствениот ваков дизајн. Неколку претходно беа создадени како експериментални, и на крајот е избран најдобриот според изгледот, текстурата и чувството при држење в рака.

На крајот, дизајнот се состои од два слоја, од кои едниот има величина од 15 микрони, а другиот – 30 микрони. Мерењата беа извршени со микроскоп „Никон ЛВ-100“.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/02/2021 21:43