Ракометарите на Еурофарм Пелистер и Татабања синоќа го одиграа одложениот натпревар од првото, а вечер ќе одиграат натпревар од редовното 7. коло во рамки на група „Д“ од европската ракометна лига.

Во пресрет на вториот ракометен дуел, тренерите на македонскиот и унгарскиот тим најавуваат неизвесна средба, игра еден на еден и поинтересен натпревар од синоќешниот.

-Новата „пресметка“ со Татабања е нов неизвесен дуел затоа што нивниот тим никогаш не се предава. Вечер ќе имаме нова борба за секоја топка и за освојување на секој метар на теренот затоа што само така може да се дојде до втора победа, изјави Жељко Бабиќ, тренер на битолскиот тим.

Гостите од Унгарија кои вечер во Битола ќе бидат во улога на домаќини, најавуваат реванш за синоќешниот пораз (19:21).

– Синоќа почнавме исплашено, но во второто полувреме бевме подобри. Направивме анализа на играта и ќе го подобриме нашиот напад затоа што Еурофарм Пелистер има одлична одбрана, рече меѓудругото тренерот на Татабања, српскиот интернационалец Владан Матиќ.

Меѓународниот ракометен натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Татабања е закажан за 17 часот, а ќе го судат Ердоган Курсад и Ибрахим Езденис од Турција.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/02/2021 13:46