Два месеца по инцидентот на натпреварот од последното коло во групната фаза на Лигата на шампиони меѓу Пари Сен-Жермен (ПСЖ) и Башакшехир, кога играчите на двата тима го напуштија теренот поради наводен расизам од страна на романските судии, Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) денеска отвори истрага поврзана со случајот.

-Отворена е истрага против Себастијан Константин Колтеску и Октавијан Совре поради можно кршење на членот 11 од Дисциплинскиот правилник, соопшти УЕФА.

Мечот меѓу ПСЖ и Башакшехир, од осми декември лани, беше прекинат во 13 минута, откако помошникот тренер на турскиот тим Пјер Вебо го обвини четвртиот судија за расизам, потенцирајќи дека во комуникацијата со главниот судија го нарекол „овој црниот“. Вебо уште од самиот почеток на натпреварот дофрлуваше кон романските арбитри, по што четвртиот судија го пријави кај својот колега и побара негово отстранување од клупата.

Натпреварот беше доигран следниот ден со нова судиска четворка.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/02/2021 22:18