Фудбалерите на египетскиот првак Ал Ахли го освоија третото место на Светското клупско првенство што се одржува во Катар, откако вечерва по подобро изведување пенали го совладаа бразилскиот шампион Палмеирас со 3:2.

Регуларниот дел од натпреврот, во кој Палмеирас беше поблиску до победата, донесе неефикасен фудбал и по завршните 0:0, победникот се одлучуваше со удари од белата точка.

Неефикасноста продолжи и во пенал – серијата, во која од десетте обиди од белата точка, реализирани беа половина од нив.

На крајот африканскиот шампион го освои бронзениот медал, а Палмеирас, кој во Катар допатува со амбиции да го изненади Баерн Минхен во посакуваното финале, заврши на четвртото место без постигнат гол на двата одиграни натпревари на Светското клупско првенство

Во финалето што е на програмата утре од 19 часот европскиот првак Баерн Минхен ќе игра против мексиканскиот шампион на КОНКАКАФ зоната Тигрес.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/02/2021 22:35