Градоначалникот Златко Марин заедно со делегација од Општина Аеродром од вчера се наоѓа во дводневна посета на Општина Палилула во Ниш. За време на средбата со претседателот на Општина Палилула, Братислав Вучковиќ, се разговараше за стратегиско партнерство меѓу двете општини. Тоа би се реализирало преку размена на искуства и знаења при имплементација на развојни проекти финансирани од домашни и меѓународни донатори, посебно во јасната определба за соработка со Европската Унија.

Во оваа насока се размислува и се разговара за заеднички иницијативи, кои низ разни партнерства ќе ја унапредат и меѓуграничната општинска соработка зацртана со ИПА-програмата за меѓугранична соработка меѓу Република Србија и Република Македонија (CBC Serbia – N. Macedonia 2021 - 2027) под менторство на ЕУ.

„Оваа иницијатива е своевидно одобрување и надоврзување на изразената декларација на Општина Аеродром да биде прва општина со европско знаменце и да претставува пример за другите општини во земјата, но и во регионот. Соработката со Општина Палилула ќе ни овозможи заеднички да работиме на проекти што ќе го подобрат стандардот за живеење на граѓаните на двете општини“, изјави Марин.

Вчера за оваа цел беше иницирано потпишување меморандум за меѓуопштинска соработка, при што челниците на двете општини изразија убедување дека со заедничко дејствување ќе имаат поголеми шанси за добивање средства од европските фондови.

„Самата граница овозможува прекугранична соработка во делот на ИПА-фондовите. Како општина веќе имаме два вакви проекта со други општини. На овој начин ќе ја зголемиме искористеноста на европските фондови и соработката на нашата со македонски општини. Секако, сето тоа ќе влијае и на подобри услови за живот на граѓаните во двете општини“, изјави Вучковиќ.

Како дел од оваа иницијатива е предвидено да се формира координативно тело со претставници на бизнис-заедницата од двете општини предводени од првите луѓе на развојната агенција од Ниш и Јавното претпријатие за управување со развојни проекти на Општина Аеродром.

Освен вчерашните работни средби, македонската делегација, во која покрај градоначалникот Марин, ја сочинуваат и претседателката на Советот на Општина Аеродром, Ивана Цветковска, раководителот на Секторот за работи на градоначалникот, Александар Ѓорѓиевски, и в.д. директорот на ЈП за управување со развојни проекти на Општина Аеродром, Владимир Стевков, во текот на денешниот ден се очекува да одржат средба со градоначалничката на Ниш, Драгана Сотировска. Македонската делегација ќе положи венец во Логорот во градот и ќе го посети спомен-паркот „Бубањ“. Во рамките на културните активности, пак, тие ќе присуствуваат на промоција на книга во Нишкиот културен центар и ќе се сретнат и со претставници од Македонското здружение „Вардар“.

Општина Палилула е една од петте градски општини во Ниш формирана на 6 јуни 2002 година, која се наоѓа во јужниот дел на градот Ниш и има над 72 илјади жители.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/02/2021 13:15