Новиот Детален урбанистички план Градска четврт И 01 Маџир Маало 1 што беше усвоен на вчерашната седница на Советот на Општина Центар предвидува 1.195 метри квадратни парковско зеленило, а вкупната површина за градба со намена домување е намалена за 23 проценти, со што максимално е заштитен пешачкиот карактер на кејот, а предвидена е само една пристапна улица за автомобили.
Во стариот план предвидени се слепи улици со слепи краци во должина од 225 метри (105 метри над законски дозволеното), а на сметка на слепите улици, ќе се изведе кружно движење кое навлегува длабоко во планскиот опфат и е огромна безбедносна придобивка за целиот ДУП.
-Регулирана е и дозволената длабочина на објектите, па така, наместо претходно предвидените 26 метри, новиот план Маџир Маало 1 предвидува длабочина од 13 до 19 метри, во зависност од градежната парцела. Избришани се два објекти за домување со површина за градба од 252 метри квадратни (развиена површина за градба од 1764 метри квадратни, односно 189 метри квадратни (развиена површина за градба 1323 метри квадратни), а една градежна парцела е намалена за 248 метри квадратни. На сметка на избришаните објекти за градба вцртани се пет мали локални паркови, со вкупна површина од 1195 метри квадратни, рече на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
Во досега донесените планови, како што информираат од Општината, испочитувани се обврските за вградување минимум 20 проценти зеленило во градежната парцела и задолжителното обезбедување потребен број паркинг места во своја парцела. Ова, додаваат, е прв од донесените планови кој обврзува на посебен режим на изградба на поткровја, кои нема да влијаат на уличниот фронт и значително ќе ги намалат проблемите со осветлувањето и во кој предвидени се паркинзи за велосипеди.
Во овој ДУП, посочуваат од Општината, испочитувано е начелото на креирање на квалитетни решенија и поквалитетен простор за сегашните, но и за идните жители и станари.
-Ова е осми по ред ДУП кој е дел од Одлуката за неизвршување на плановите (тн. Мораториум на градби), истиот ја има минато целата законска процедура за донесување на планови и е изработен во согласност со важечкиот Генерален урбанистички план на Град Скопје (ГУП) 2012-2022, наведуваат од Општината.
Покрај точката за ДУП-от, на дневниот ред за работа на Советот на Општина Центар на седницата се нашле и полугодишните извештаи за работата на основните училишта, одлуките за извршување и прераспределба на буџетот, вклучително и усвојувањето на буџетскиот календар, дополната и измената на финансискиот план на КК „Работнички“ и одлуката за меѓуопштинска соработка во врска со заловувањето на уличните кучиња.
На дневен ред биле и предлозите за ослободување од плаќање надомест за уредување на градежното земјиште на Универзитетската клиника КАРИЛ и Деловникот за работа на општинското Партиципативно тело од областа на урбанизмот.