Одбојкарката Софија Ричлиева (21) неколку сезони успешно настапува во повеќе странски првенства. Македонската репрезентативка, по настапите во екипи во Косово и Турција, од лани игра во Данска, во „Вестсјаеленд“ од градот Корсор.

Кариерата ја почна во струмичкиот женски одбојкарски колектив, „Македонија макс“, а нејзините квалитети ја однесоа најпрвин во Турција.

Скромната Софија, која игра на позицијата техничар, раскажува дека во Данска има многу добри услови за работа, а според статистиката на данската одбојкарска федерација во секое коло е во дрим тимот.

– Екипата е составена од млади и талентирани одбојкарки. Се работи напорно и трета сезона по ред настапува во првата лига. Тренираме во две сали наизменично, но оваа сезона се разликува од другите поради пандемијата и рестрикциите кои ги има во спортот. Првиот дел од првенството го завршивме на второто место. Тоа е најголем успех на клубот. Наша цел беше да бидеме во топ 4 и тоа го остваривме победувајќи ги екипите кои имаат долгогодишно искуство во првата лига и имаат големо искуство зад нив, раскажува Софија.

Пред продолжението на тамошното првенство очекува настап во финалето.

– Почнуваме со плејофот првиот викенд во март. Лично сум многу возбудена и сметам дека имаме сили и знаење да играме финале. Покажавме дека имаме карактер и дека можеме да победуваме на важни натпревари и сигурно така ќе продолжиме. Моја желба и цел е да ја освоиме титулата и подготвена сум да дадам се од себе, додава Софија.

Софија е ќерка на Кирил Ричлиев, тренер кој со години создава познати одбојкарски имиња од струмичката одбојкарска школа и е кормилар на актуелниот шампион, Џио Струмица. Таа, заедно со брат и Александар, ја продолжува семејната одбојкарска лоза. Александар настапува за Џио Струмица, а таа со успех ја претставува македонската женска одбојка во странство.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/02/2021 15:07