Од Градот Скопје информираат дека е подготвено дополнување на листата со 571 име за улици во главниот град, листа од која ќе може да се црпат имиња за нови улици или при нивна промена.

Листата опфаќа имиња на истакнати личности од областа на градското, националното и светското културно и историско наследство, поважни настани од македонската и светската историја, имиња дадени според топоними на градови во земјата и регионот и други имиња.

На листата можат да се најдат доста интересни имиња меѓу кои и актерите Ѓорѓи Колозов, Бранко Ѓорчев, Небојша Глоговац, Дади, Ванчо Петрушевски, потоа имињата на музичките групи Бис-Без, Лева Патика, Леб и Сол, Мизар и други како и имиња на познати личности кои оставиле белег во својот животен век како што се Есма, Никола Младенов, Буштур, Кројачот Ангелковски, Данило Коцевски, Енвер Малиќи и други.

Карактеристично е што во листата се враќаат и поранешните имиња на улици кои беа променети како Бихачка, Железничка, Ленинова, Водњанска... а во листата стои и предлогот Нивици, местото каде што беше потпишан Преспанскиот договор за промена на уставното име на Македонија како и предлогот Имри Елези за кого во листата на Град Скопје пишува дека бил хуманист и патриот. Елези бил поранешен припадник на ОНА кој во 2001 година бил убиен од македонските безбедносни сили за време на војната во нашата земја, а неговото име го носи и училиште во Чаир кое незаконско беше преименувано од Никола Вапцаров.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/02/2021 01:03