Еден од трите олимписки квалификациски турнири во ракомет, што во првата половина на март требаше да се одржи во Норвешка, е откажан поради рестриктивните мерки во земјата поврзани со пандемијата на коронавирус.

Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) соопшти денеска дека ќе бара нов организатор за откажаниот турнир на кој репрезентациите на Норвешка, Бразил, Чиле и Јужна Кореја требаше да настапат од 12 до 14 март во Трондхајм.

Одигрувањето на другите два квалификациски турнири се закажани во Монпеље, со учество на домаќинот Франција, Хрватска, Тунис и Португалија, и во Берлин, каде покрај домаќинот Германија, ќе настапат и Словенија, Шведска и Алжир.

Двете најдобро пласирани репрезентации од трите квалификациски турнири ќе се пласираат на Олимписките игри во Токио, што треба да бидат отворени на 23 јули, откако минатата година беа одложени поради пандемијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/02/2021 21:50