Јапонската министерка за олимписки и параолимписки игри Сеико Хашимото (56) е назначена денеска за нов претседател на организацискиот Одборот на летната Олимпијада (ЛОИ) во Токио, на местото на Јоширо Мори, кој под притисок на јавноста поднесе оставка минатиот петок поради своите сексистички изјави.

-Нема да ги штедам своите напори во обидот Олимпијадата во Токио да биде успешно организирана, нагласи 56-годишната поранешна јапонска олимпијка во првата изјава по назначувањето.

Хашимото истакна дека мерките за борба против коронавирусот, што ќе бидат воведени на ЛОИ, ќе бидат „врвен приоритет“, додавајќи оти сака јапонската и светската јавност да биде сигурна дека „игрите ќе бидат безбедни“.

Пред назначување на чело на олимпискиот одбор, Хашимото поднесе оставка на функцијата во владиниот кабинет во кој беше една од двете жени со министерски статус.

Хашимото зад себе има долга долга спортска кариера, учествувајќи на вкупно седум летни и зимски олимписки игри од 1984 до 1996 година. Таа на Олимпијадата во 1992 година во Абервил го освои бронзениот медал за Јапонија во брзо лизгање.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/02/2021 23:57