Македонските скијачи не успеаја преку денешните квалификации да обезбедат настап на утрешната трка во слалом, со која официјално ќе заврши натпреварувачкиот дел на Светското првенство во алпско скијање во Кортина д’Ампецо.

Двете квалификациски трки од четворицата македонски скијачи денеска ги заврши само Дардан Дехари, кој со време од 1:45:78 минута го освои 28 место, заостанувајќи 10:16 секунди зад победникот Сеиго Като од Јапонија.

Дехари од пласман во неделната трка го делеа1:15 секунди, колку што заостана зад Маркус Воре, од Данска, кој како 25-то пласиран последен обезбеди настап на утрешниот слалом.

Влатко Анастасоски и Мирко Лазарески не ја завршија првата трка, додека без пласман во квалификациите остана и Виктор Петков, кој по првата трка заврши на 36-то место.

Двете финални трки во слалом ќе се одржат на патеката „Румерло“ со почеток в недела од 10:00 и 13:30 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/02/2021 17:28