Десет спортски клубови кои се членови на СФМ јавно ги повикуваат претставниците од Агенцијата за млади и спорт да присуствуваат и вршат надзор на претстојното Редовно собрание на СФМ на кое ќе се одлучува за избор на ново раководство на Скијачката федерација на Македонија (СФМ), закажано за 2 март, 2021 година. Барањето и официјално е доставено до Агенцијата за млади и спорт.

– Ваквото барање за присуство и надзор од страна на Агенцијата за млади и спорт на претстојното Редовно собрание на СФМ е поттикнато од низата сомнителни дејствија поврзани со работењето на СФМ, а има за цел да се попречи нелегитимен избор на ново раководство, е ставот на клубовите.

Во соопштението на Ски Клуб Полар, Сноуборд Клуб Полар, КОБНС Скии Рис Скопје,

ФОКС Ски Клуб, К.Б.Н.Д Мирна Долина, ЗСР Клуб 28, Ски Школа Љуботен, Ски Клуб Шари Академи, АСК Скади Скопје, Ски Клуб Бистра – Гостивар, уште се вели:

Видно од материјалите испратени со поканата за закажаното Редовно собрание, постојат нелогичности во утврдените права и броеви на гласови за поединечни клубови. Уште повеќе, постои и сомнеж дека се спроведуваат активности за итно и ad hoc формирање на нови клубови кои ќе влијаат на одлуката за избор на новото раководство.

Покрај тоа, ваквото барањето за присуство на Собранието на СФМ е упатено од иницијаторите за промени во СФМ, дел од членовите на Извршниот одбор и десет клубови, по низата скандали и индиции за незаконско работење од страна на привременото раководство на СФМ, предводено од Васил Сокле. За овие случувања веќе е информирана Агенцијата за млади и спорт.

Да потсетиме, дека спортисти со врвни резултати не се најдоа на листата за спортски ваучери, од која беше исклучена и младата Јана Атанасовска која до почетокот на скијачката сезона 2020-2021 година има освоено повеќе од 70 медали и пехари на различни меѓународни натпревари и ги исполнува сите критериуми. Од истите причини неактивни клубови, како на пример Спартак и Работнички, добија ваучери, за сметка на активни клубови и спортисти кои имаат одлични резултати.

Покрај тоа, привременото раководство е востановено на незаконски начин. Имено, по смртта на претходниот претседател, како овластено лице на СФМ во Централниот регистар на Република Македонија е впишан Васил Сокле во улога на „потпретседател-потписник“. Како основа за ваквото впишување е наведена постапка за избор на претставник на СФМ која е спроведена без знаење на клубовите и спротивно на постапката предвидена во Статутот на СФМ, за што клубовите и дел од членовите на Извршниот одбор на СФМ понесоа соодветна пријава до Агенцијата за млади и спорт како надлежен орган.

Дополнително на тоа, сеуште се очекува реакција од страна на Агенцијата на млади и спорт за постапување по индициите за фалсификувани лекарски уверенија од страна на член на Надзорниот одбор и неколку други спортисти. За ова е доставено и официјално известување од специјалистичката здравствена ординација по спортска медицина до Агенцијата за млади и спорт, СФМ и Извршниот одбор на СФМ.

За да се заштити кредибилитетот на СФМ и на снежните спортови, Извршниот одбор побара поведување на дисциплинска постапка и изрекување санкции, како и исклучување на овие лица и клубот ХМКД.

Во интерес на младите спортисти и нивната посветеност за постигнување на врвни резултати, искрено се надеваме дека Агенцијата за млади и спорт ќе одговори позитивно и ќе присуствува на Собранието на 2 март 2021 година, за да може да се расчистат сите сомнителни активности и да се избере легитимно раководство на СФМ кое ќе отпочне да работи согласно законите и целите за кои постои. Агенцијата за млади и спорт, како државен орган за работите од областа на спортот, има законски надлежности и ингеренции да врши надзор над спроведување на одредбите на Законот за спорт и обврска да се грижи за остварување на јавниот интерес од областа на спортот.

Клубовите кои со години се дел од СФМ и даваат сериозен придонес кон нејзиниот развој и развојот на скијачките спортови во земјата, ќе продолжат да се залагаат за работење согласно Статутот на СФМ и согласно законите во земјата, бидејќи само така може да се оствари главната цел: развој на спортот и создавање услови за младите спортисти.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/02/2021 13:55