Македонскиот претставник во ракометната Лига Европа, Еурофарм Пелистер, ја продолжи соработката со хрватскиот интернационалец Матео Мараш (20) до јуни 2023 година.
– Сакам да му се заблагодарам на клубот. Првите шест месеци минаа многу убаво, беше приспособување, но се чувствувам убаво тука. Играме многу добро, клубот покажува дека е на високо европско ниво, што може да се види низ натпреварите во Лига Европа и натпреварите кои ни претстојат, а на кои сакаме да покажеме кој е нашиот вистински квалитет, изјави денеска Мараш за клупскиот сајт.
Хрватскиот десен бек, кој дојде минатото лето како позајмен играч во Битола, е третиот Хрват, кој ја продолжи соработката со Еурофарм Пелистер, по ракометарот Стипе Мандалиниќ и тренерот Жељко Бабиќ.
– Имаме мала хрватска колонија тука во Битола. Имаме голем број интернационалци и многу добро сме вкомпонирани во тимот. Добро се согласуваме, добра клапа сме и пријатно е да се тренира и да се биде во овој клуб, додаде Мараш.