Кинеските власти од денеска им забрануваат на наставниците да прибегнуваат кон казни што можат да предизвикаат физичка или ментална траума кај учениците, бидејќи во последните години во земјата се забележани случиа на смрт на ученици кои биле строго казнети во училиштата.

Со новите правила кинеското Министерство за образование во иднина забранува понижувачки казни за учениците во училиштата. Во земјата и претходно беше забрането физичкото казнување на учениците.

Удирањето или принудување учениците со часови да стојат во место или да клечат на подот, исто така, се забранети, како и навредувањето на учениците.

Отсега натаму учениците ќе бидат охрабрувани да напишат писмо со извинување или да прават домашни задачи на училиште во случај на помали прекршоци.

Учениците кои извршиле посериозни дела, како што е малтретирање, може привремено да бидат протерани од училиште или да бидат однесени на психолошко советување.

Забраната за физичко казнување на учениците датира од 1986 година, но нејзината примена не била постојана пракса, па родителите често пати ги затворале очите доколку нивните деца биле казнети на училиште.

Кинеските медиуми редовно известуваат за случаи на смрт на деца откако биле претепани од наставник, а некои деца дури извршиле и самоубиство по јавно понижување на училиште.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/03/2021 23:35