Пристигнаа вкупно 22 идејни решенија за проектирање управна зграда на Општина Аеродром по објавениот анонимен конкурс.
Оценувањето на трудовите ќе го врши стручно жири, а Општината ќе додели и парични награди за трите најдобри идејни решенија за нова општинска зграда, и тоа 300 000, 100 000 и 50 000 денари.
Право на учество на конкурсот имаа правни и физички лица од областа на архитектурата, а покрај задолжителните критериуми за проектирање соодветни работни простории, како и простории за прием на граѓани, во конкурсот се бараше да се предвидат и современи технологии на градење со материјали и решенија што ќе овозможат висок степен на енергетска ефикасност. Со изградбата на општинската зграда ќе се создаде можност за поефикасна соработка со граѓаните и ќе се рационализираат издатоците од буџетот на Општината.