Првата иранска носителка на олимписки медал, „бронзената“ во таеквондо од Игрите во Рио де Женеиро во 2016 година, Кимиа Ализаде, доби статус на бегалец во Германија и најави настап на летната Олимпијада во Токио под знамето со бела боја, кое го симболизира Олимпискиот тим составен од бегалци.

Ализаде пребегна во Германија минатата година, а имаше понуди да настапува под знамињата на Холандија, Канада, Белгија и Канада. Таа објави дека ја напуштила родната земја, бидејќи била користена како средство за пропаганда.

– Таеквондото ми го промени животот. Откако го освоив олимпискиот медал, станав најпозната спортистка во Иран и ме препознаваа насекаде, а тоа беше тешко да се издржи, изјави 22 – годишната Ализаде, која денес живее во гратче во Баварија.

По добиениот статус на бегалец, Ализаде во мај во Софија ќе учествува на европскиот квалификациски турнир за настап на Олимписките игри во Токио.

Олимпискиот тим составен од бегалци, за прв пат настапи на Игрите во 2016 година, а составот за Олимпијадата во Токио ќе биде избран во мај. Тимот ќе го сочинуваат 55 спортисти во 12 спортови.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/03/2021 21:42