Со почетна цена од 200.000 евра утре на аукциска продажба преку интернет ќе биде понуден автомобилот од марката „Порше 911“ кое во минатото го поседуваше аргентинската фудбалска легенда Диего Армандо Марадона.

Сребреното „порше“ се поврзува со последната сезона која Марадона ја играше во Европа, како член на шпанската екипа Севиља, откако отслужи 15-месечна забрана поради позитивен тест на дрога.

Марадона со автомпбилот доаѓаше на тренинзите и натпреварите на Севиља, а таа сезона прославениот аргентински фудбалер со своето „порше“ се најде и на насловните страници, откако беше запрен од полицијата минувајќи на црвено светло со брзина од 180 километри на час во центарот на градот.

– Автомбилот го возеше само Марадона и никој друг и поради тоа ова „порше“ веројатно би можело да чини двојно или три пати повеќе од реалната вредност на оваа марка, изјави Грегори Тујтенс, експерт за автомобили при белгиската аукциска куќа „Bonhams“.

Автомобилот се нуди на продажба со 120.000 поминати километри, а аукцијата ќе трае до 10 март.

Еден од најдобрите светски фудбалери на сите времиња Диего Марадона почина на 25 ноември минатата година.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/03/2021 23:11