Советот на Општина Кочани даде согласност за предлог-одлуката на општинската администрација за намалување од 20 отсто на висината на комуналиите, односно надоместокот за уредување на градежното земјиште.

Според донесената одредба, попустот важи до крајот на оваа година за сите граѓани и други инвеститори кои ќе градат објекти за домување или за комерцијална намена. Намалувањето на надоместокот не се однесува за изградба на викенд-куќи во околината на спортско-рекреативниот центар Пониква.

-Одлуката за намалување на висината на комуналиите е донесена токму пред почетокот на градежната сезона, со цел да се даде поттик во изградбата на нови објекти. Мерката досега се покажа како ефективна и поради тоа нејзиното носење е оправдано. Во зависност од зоната во која ќе се гради, определена е и различна висина на надоместокот за уредување на земјиштето, што значи дека не е исто дали новиот објект ќе биде лоциран во централното градско подрачје или во периферните населби, истакна Влатко Димитров, раководител на одделението за урбанизам.

Висината на надоместокот што се плаќа за основно ниво на уреденост на градежното земјиште изнесува 2.832 денари од квадратен метар нето корисна површина.

Инвеститорите кои планираат да градат во строгиот центар на градот, односно на просторот чии граници се улиците „Стево Теодосиевски", „Димитар Влахов", „Маршал Тито" и кај Трговскиот центар ќе мора да платат повисок надоместок. Сумата за станбен простор овде изнесува 3.600 денари од квадратен метар и 4.500 денари од квадратен метар за деловен простор.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/03/2021 14:16