Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ја осуди одлуката на главната обвинителка на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, Фату Бенсуда, за испитување на потенцијалните воени злосторства извршени од Израел на Западниот брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим.

Нетанјаху додаде дека суштината на одлуката е „лицемерие и антисемитизам“.

-Државата Израел вечерва е нападната. Судот во Хаг донесе одлука дека нашите херојски и морални војници, кои се борат против најсуровите терористи во светот, всушност се воени злосторници, рече Нетанјаху.

Израелскиот лидер оцени дека „Трибуналот основан за да го спречи повторувањето на нацистичките злосторства против еврејскиот народ, сега се свртува против државата на еврејскиот народ“ и додаде „се разбира, тој не кажува ниту еден збор против Иран, Сирија и другите диктатури кои извршуваат вистински воени злосторства “.

Нетанјаху смета дека судот веќе покажал пристрасност кон Израел.

-Само едно можеме да сториме, а тоа е да се бориме за вистината во секоја земја, на секоја сцена, на секој форум. Ние ќе ги заштитиме секој војник, секој командант и граѓанин. И ви ветувам дека ќе се бориме за вистината се додека скандалозната одлука не се собори, рече израелскиот премиер по одлуката за отворање истрага за израелските активности за време на војната против екстремистичките организации во појасот Газа во 2014 година и проширувањето на еврејските населби во окупираните Западен брег.

„Нашата главна грижа мора да бидат жртвите и на палестинските и на израелските злосторства, што е резултат на долгиот циклус на насилство и несигурност што предизвика длабоко страдање и очај на двете страни“, изјави обвинителката на Трибуналот, пренесоа израелските медиуми.

Одлуката на судот во Хаг ја осудија многу израелски десничарски политичари и организации.

Израелскиот претседател Ревен Ривлин рече дека одлуката е „скандалозна“ и дека еврејската држава нема да толерира никакви тврдења што ги нарушуваат „правото и обврската“ на таа земја да ги штити израелските граѓани.

Израелскиот министер за надворешни работи Габи Ашкенази рече дека одлуката е „акт на морално и законско банкротство“ и го отфрли соопштението на обвинителката како „политичко“.

Палестинските власти, меѓутоа, го поздравија потегот на Трибуналот како долгоочекуван почеток на истрагата за наводните воени злосторства.

Министерството за надворешни работи на Западниот брег оцени дека одлуката „му служи на неуморниот стремеж на Палестина за правда и одговорност, кои се незаменливи столбови на мирот кон кои палестинскиот народ се стреми и го заслужува тоа“.

Одлуката за истрагата е донесена откако судот на 5 февруари одлучи дека има надлежност за отворање случај, што предизвика критики од САД и Израел, а палестинските власти ја поздравија ваквата пресуда.

-Одлуката за отворање истрага уследи по макотрпното прелиминарно испитување на мојот кабинет, што траеше речиси пет години, кажа главната обвинителка на судот во Хаг, Бенсуда.

Таа на оваа позиција ќе биде заменета на 16 јуни од британскиот обвинител Карим Кан.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/03/2021 22:41