Според податоците на белгиските здравствени власти, 26 отсто од лицата над 85-годишна возраст во земјата, главно во пензионерските домови, ја примиле првата доза на вакцината против Ковид-19, јави дописничката на МИА од Брисел.

На ниво на целокупното население, меѓутоа, оваа бројка се намалува на 4,7 отсто.

Белгија засега успева да се заштити од трет бран на коронавирус, за разлика од повеќето соседни држави, и ритмот на зголемување на бројот на новозаразени се намалува постепено. Во периодот од 23 февруари до 1 март регистрирано е зголемување од „само два отсто“, изјави портпаролот на кризниот штаб, Ив Ван Латем.

Пикот на новозаразени се случил на 25 февруари.

Намален е бројот на нови инфекции кај децата, но расте кај адолесцентите. Регистрирано е зголемување на бројот на хоспитализирани за 23 отсто во просек.

Половина од заразените случаи во Белгија се должат на британската мутација на вирусот.

Портпаролот додаде дека ова е знак оти засега земјата успева да избегне трет бран.

– Ова е доказ дека постојани мерки, помалку строги од оние во вонредна состојба, овозможуваат да се смири состојбата, наведува Латем.

Тој изрази разбирање дека граѓаните се исцрпени од мерките, но побара уште малку трпение бидејќио периодот сѐ уште се смета за транзициски и нестабилен.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/03/2021 15:27