Втора година по ред ќе дојде до одложување на изборите за новата локална власт во Хонг Конг и гласањето најверојатно ќе се премести за септември 2022 година, бидејќи Пекинг планира целосен ремонт на изборниот систем во оваа поранешна британска колонија и глобален финансиски центар.

Ова е сериозен удар за приврзаниците на демократијата во Хонг Конг во која се применуваше договорениот модел „една земја, два система“, како одреден степен на автономија, откако мегалополисот во 1997 година и беше вратен на Кина од администрацијата на Велика Британијаг, пишуваат британските медиуми.

Според „South China Morning Post“ и другите локални медиуми, што се повикуваат на неименувани извори, одложувањето на изборите е во согласност со напорите на Пекинг на раководните позиции во сите јавни институции да постави патриоти.

Кинескиот Сенароден конгрес ќе гласа за измените во изборниот систем за Хонг Конг на својата годишна сесија, што денеска е отворена и ќе трае една недела.

Пратеникот Ванг Чен кажа дека Кина ќе ги промени големината, составот и начинот на формирање на изборниот комитет што го избира лидерот на Хонг Конг и кој, исто така, ќе има овластување да избере голем број градски пратеници.

Промените во изборниот систем на Специјалниот административен регион во Хонг Конг следат по масовните антивладини протести од 2019 година и сузбивањето на востанието по што голем број демократски политичари завршија во затвор или избегаа. Пекинг ја искористи ситуацијата да воведе посебен Закон за национална безбедност.

Со одложување на изборите во Хонг Конг, централната кинеска Влада се обидува да ја елиминира можноста за каков било отпор што може да влијае на исходот од изборите за Градското собрание.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/03/2021 16:28