Во насока на унапредување на знаењето и вештините за укажување прва помош, Црвениот крст на Град Скопје денеска свечено ги отвори новите просториите на Центарот за прва помош, кој почна со работа минатата година. Целта е да се спроведуваат едукации и обуки за прва помош за кандидатите за возачи, за заинтересираните физички и правни лица и за управувачите на пловни објекти.
Од Црвениот крст сметаат дека центарот ќе има важна улога во правилното стекнување на знаења и вештини кои значат навремено и правилно укажана прва помош а со тоа и спасен живот.
– Од пандемијата научивме, дека здравјето, безбедноста и вредноста на животот на луѓето се многу важни. Во оваа смисла, ова што денеска го промовираме е нов обид и заложба на Црвениот крст. Првата помош спасува живот, ќе продолжиме да инвестираме на ова поле, изјави генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити.
Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој присуствуваше на настанот, многу е важно како и во кој момент ќе се делува за да се спаси нечиј живот.
– Во Центарот, идните возачи ќе стекнат вештини, знаење и искуство како да се укаже прва помош. И во услови кога се случува било каква собраќајна незгода во која има лица со потешки повреди, многу е важно укажувањето на прва помош. Знам, дека најголемиот дел од работите се изместија во општеството во минатото. Многу од исклучоците, станаа правило во институциите и многу од возачите бараа начин како да дојдат до потврда за прва помош. Ако сакаме да го менуваме системот, тогаш оваа промена која ја направивме заедно со Црвениот крст треба да биде пример. Да го промениме системот и да знаеме дека секој млад човек кој сака да се стекне со возачка озвола, мора да научи за прва помош, за да го добие овој документ, истакна Спасовски.
Во делот на безбедноста на сообраќајот, посочи дека изминатиот период се спроведени акциски контроли на полицијата кои резултирале со најмалку жртви во сообраќајот во 2020 година и најмал број сообраќајни незгоди со тешки последици.
На свеченото отворање на новите простории беше посочено дека согласно донесените законски регулативи, кандидатите за возачи и лицата во работните организации се обврзуваат на задолжително посетување на овие обуки.
Центарот за прва помош располага со пет предавални, стручен тим од 4 лица, 27 лекари предавачи волонтери со лиценца и 17 демонстратори. Ќе работи од понеделник до петок, а обуките ќе се реализираат во два термина. Пријавувањата ќе севршат во просториите на Центарот лоциран на ул. „11 Октомври“.