Македонската ракометна репрезентација вечерва на селекторското деби на капитенот Кирил Лазаров во блескаво издание триумфираше над неодамна крунисаниот светски првак Данска со 33:29 (17:13) во рамки на третото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2022 година.
Со сигурен напад во првиот дел и цврста одбрана предводена од одличниот Никола Митревски со девет одбрани, македонските ракометари ја лимитираа Данска на само 13 голови во првите 30 минути обезбедувајќи предност на полувреме од четири голови разлика.
Македонскиот состав со повратникот во репрезентацијата Филип Миркуловски продолжи во ист стил во вториот дел и со серија од 4:0 стигна до највисоки плус осум, 25:17, во 45-та минута.
Данска, која допатува во Скопје непосредно пред натпреварот, врати со три голови во серија, но Лазаров и соиграчите рутински го приведоа мечот до самиот крај за прва победа во меѓусебните дуели против актуелниот светски и олимписки првак.
Дејан Манасков, Филип Талевски и Филип Кузмановски беа најефикасни во „црвено-жолтиот“ дрес со по пет голови, а Митревски запиша 13 одбрани на голот.
Реванш натпреварот меѓу двете репрезентации ќе се игра в недела, од 16 часот., во Алборг.
Претходно денеска во рамки на квалификациската група 7, Швајцарија ги запиша првите бодови, триумфирајќи како гостин над Финска со 32:19.
По три одиграни кола, македонската репрезентација е првопласирана во групата со максимални шест бодови, пред Данска со 4, Швајцарија 2 и Финска без бодови