По воведувањето на политичкиот плурализам во Република Македонија како резултат на уставните измени од 1989 година и пред прогласувањето на самостојна, независна и суверена Република Македонија, во ноември месец 1990 година се одржаа првите парламентарни избори во историјата на Република Македонија. (Во тоа време сеуште Социјалистичка Република Македонија)

Како парламентарна демократија Република Македонија првите избори ги организираше спред мнозинскиот изборен модел со два круга на гласање при што територијата на Република Македонија беше поделена на 120 изборни единици.

Во избирачкиот список беа запишани 1 339 021 гласачи со право на глас а излезноста, гледано од денешен аспект, беше историски највисока. Во првиот круг своето гласачко право го искористиле 84,8 проценти од гласачите додека во вториот круг 76,8 проценти од запишаните гласачи. На првите избори учестуваа вкупно 18 политички партии и 43 независни кандидати.

Во првиот круг на гласање кој се одржа на 11 ноември 1990 година, партијата СКМ – ПДП (денешно СДСМ) освои 234.369 илјади гласови и 4 мандати додека неговиот најглавен конкурент ВМРО-ДПМНЕ освои околу 80.000 помалку односно 154.101 илјади гласови и само еден мандат во првиот парламентарен состав.

По само две недели, односно во вториот изборен круг, се случи целосен пресврт, благодарение на политичката кампања на ВМРО – ДПМНЕ која се потпираше на идејата за суверена, самостојна и независна Македонија, за разлика од онаа на СКМ-ПДП која ја влечеше југословенската страна и ја пропагираше идејата за продолжување на блиски односи со СФРЈ па и опција за формирање на конфедерација со Југославија. ВМРО – ДПМНЕ од 80.000 гласови негатива во првиот круг успеа да освои 238.367 илјади гласови што беа 18.000 илјади гласови повеќе од СКМ – ПДП (220.748) и со тоа да добие вкупно 38 пратенички мандати во Собранието наспроти 31 пратеник за СКМ – ПДП.

Првото Собрание на Република Македонија беше составено уште и од Партијата за демократски просперитет (ПДП) која осови 17 мандати, Сојузот на реформски сили на Македонија (СРСМ) – 11 мандати , Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) – 4 мандати, Странката на Југословените – 2 мандата, Народната демократска партија (НДП) – 1 мандат, а во Собранието влегоа и тројца независни пратеници. Партиите кои како коалиции настапија со заеднички кандидати во некои од изборните единици дополнително освоија: коалицијата ПДП/НДП – 5 мандати, потоа СРСМ/Млада демократско-прогресивна странка (МДПС) – 6 пратеници, коалицијата СПМ/СРСМ/МДПС – 1 пратеник и коалицијата Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР)/СПМ - 1 пратеник.

Првите демократски и повеќе партиски избори во Република Македонија беа прогласени како фер и демократски без поголеми забелешки. Конститутивната седница на првото Собрание на независна Македонија се одржа на 8 јануари 1991 година. Сепак поради релативно изедначениот однос на силите во Собранието настанаа потешкотии околу формирањето на Владата, па така на крајот се пристапи кон формирање на техничка влада како и согласно тогашните Уставните решенија претседателот на Република Македонија се избра во Собранието на Република Македонија. Мандатот за состав на Владата го доби членот на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ), Никола Кљусев, кој за министерските места предложи експерти. Во нејзиниот состав влегоа универзитетски професори и интелектуалци, а пратениците ја изгласаа на 20 март 1991 година. Во нејзиниот мандат од поважните акти беше донесен Уставот, беше организиран референдумот за независност и беше оформена Армијата на Република Македонија (АРМ).

Поради несогласувања кои избија меѓу партиите, веќе во август 1992 година во Собранието на оваа Влада ѝ беше изгласана недоверба. Претседателот Киро Глигоров мандатот за формирање на нова влада прво му го додели на Љубчо Георгиевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, партија со најмногу пратеници во Собранието, но тој го врати. Глигоров потоа мандатот го понуди на Петар Гошев од редовите на СКМ-ПДП, но и тој го одби. Потоа претседателот можноста да формира влада му ја даде на Бранко Црвенковски, лидер на СКМ-ПДП. Тој го прифати мандатот и ја формираше втората Влада, која овој пат беше политичка за разлика од првата експертска. ВМРО-ДПМНЕ тогаш тврдеше дека е направена неправда, бидејќи мандатот по одбивањето на Гошев од СКМ-ПДП требало повторно да се врати кај ВМРО-ДПМНЕ, наместо два пати по ред да се нуди на СКМ-ПДП. За формирањето на Владата Црвенковски влезе во коалиција со партијата на етничките Албанци, ПДП, што потоа стана непишано правило, во секоја влада покрај најголемата македонска партија да учествува и партија која ги претставува албанските гласачи.


Да се потсетиме: Парламентарни избори 1990 година (ФОТО)

Претходно, на 8 септември 1991, се одржа референдумот за независност на Македонија од СФРЈ, на кој се изјаснија 75,74 проценти од граѓаните со право на глас. Од нив на референдумското прашање „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“, 95,26 проценти од граѓаните заокружија „За“. Изјаснувањето го бојкотираа мнозинството од гласачите Албанци.

Да се потсетиме: Парламентарни избори 1990 година (ФОТО)

Да се потсетиме: Парламентарни избори 1990 година (ФОТО)

Да се потсетиме: Парламентарни избори 1990 година (ФОТО)

Да се потсетиме: Парламентарни избори 1990 година (ФОТО)


Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2016 18:30