Познатата латиноамериканска пејачка Деми Ловато досега честопати говорела за својата депресија, нарушеност во јадењето и трезвеноста, но во новиот биографски Јутјуб-документарец, таа говори и за коренот на сѐ тоа.

„Танцување со ѓаволот“ е документарна серија со повеќе епизоди, каде што поп-ѕвездата говори за своето речиси фатално предозирање во 2018 година, како и за својот татко-зависник, кој, кога таа била дете, постојано ги злоупотребувал и неа и мајка ѝ. Но, и за нешто уште пострашно…

– Ја изгубив невиноста во силување!, вели Ловато во документарецот. – Со него „се задевавме“, но јас реков: „Еј, ова нема да оди подалеку! Јас сум девица и не сакам да ја изгубам невиноста на овој начин.“ Но, тоа не му беше важно, сепак го стори тоа. И јас, сепак, го оправдував и си велев дека тоа е моја вина затоа што одев во соба со него, и се дружев со него.

На јавноста, таа ѝ е позната од пред 13 години, кога како 15-годишно девојче глумеше во филмот „Рок камп“ на „Дизни“. Како што вели, тогаш заедно со другите познати личности – Мајли Сајрус, Селена Гомез и браќата Џонас, претставувале христијански морални вредности, па тоа некако ја натерало да молчи за ужасот којшто ѝ се случил, покрај случајот со Ријана од 2009., кога многумина ја обвинуваа неа, иако таа беше жртва на насилството на Крис Браун.

Таа засега не открива кој е силувачот, но вели дека тој постојано бил во близина и поради него станала булимична.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/03/2021 12:31