Издавачката куќа „Слово“ ја објави книгата „Писма од карантин“ од Димитар Башевски, настаната во месеците на ковид-пандемијата. Содржи книжевно-есеистички текстови во вид на отворени писма до познати личности во светот и до познати личлности и пријатели кај нас.

Во освртот кон изданието, Томислав Османли пишува дека се работи за особена книга која авторот ја напишал во време на затвореност, изолација, кога мислата се фокусира на суштествени теми.

– Во „Писма од карантин“, Башевски го иницира жанрот на книжевно-есеистички, книжевно-критички и филозофски писма, каков што досега не се пројавил во нашата средина, барем не во објавени книги, додека тој литературен вид во културите и книжевностите во светот бележи многувековни традиции, од антиката па до денес. Оттаму, објавувањето на ваков вид книжевни и есеистички обраќања од еден автор по пат на отворени писма, се пројавува како оригинален творечки чин, наведува Османли.

Димитар Башевски е романсиер, раскажувач и поет. Неговите книги се преведувани и објавувани на повеќе европски јазици. За своите дела има добиено домашни книжевни награди и признанија.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/03/2021 15:23