Рецитал на младиот македонски пијанист Арда Мустафаоглу насловен „Клавишите на Арда“ вечер ќе се одржи во Камерната сала на Филхармонија. На програмата се дела од Хајдн, Скарлати, Шуман и Брамс.

Арда Мустафаоглу е студент на Факултетот за музичка уметност и театар во Хамбург. Кариерата ја започнува на шестгодишна возраст освојувајќи бројни награди на меѓународни натпревари: Grand Prix на EMCY натпревар во Истанбул (Турција); прва награда на интернационалниот натпревар „Antonio Salieri“ во Верона (Италија); трето место на интернационалниот натпревар „Triomphe de l’Art“ во Брисел (Белгија); прво место на интернационалниот натпревар „Kunst Und Frieden“ во Хамелбург (Германија), натпреври во Грција, Србија, Бугарија, Албанија и Франција.

Негови позначајни настапи се концертот во „Burgau Castle“ – Дирен, настапот на „Охридско Лето“ во црквата Св. Софија – Охрид, настапот со Македонската Филхармонија, настапот со Софиската Синфониета, концертот со квартетот „EOS“ во Модане, концертот со квинтетот „Marmara“ во Србија, настапите и концертите во Германија (Ахен, Бон, Келн), Фрација (Сен Жан-де-Луз, Модане, Париз), Турција (Истанбул, Анталија), Италија, Србија и Бугарија.

Арда е пијанист кој ја продолжува школата на Евгениј Корољов. После јасно дадените насоки на професорот Корољов и интензивните подготовки со професор Милица Шкариќ, Арда ги започнува студиите кај професор Ана Виницкаја на Факултетот за музичка уметност и театар во Хамбург.

За придонес во светската афирмација на градот Скопје, на Арда Мустафаоглу му е доделена наградата „13 Ноември“.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/03/2021 11:12