Во галеријата на „Завод и Музеј Струмица“ вечер ќе биде отворена самостојната изложба на младиот ликовен уметник Ѓорги Динев. Насловена е „Црно небо“, а уметникот ќе се претстави со дваесет дела работени во комбинирани техники.

Организаторот на изложбата, Здружението „Транзен“, во каталогот за изложбата ќе напише дека делата на Ѓорги Динев се структурални, навидум хаотични, но во нивната структура владее совршен распоред.

-Беспрекорна е ликовноста во композицијата. Ликовните закони не секогаш се во хармонија со визуелните закони на природата. Ликовниот свет е автономен, независен и како таков тој содржи во себе посебни кодови на идентификација. Идентитетот на едно ликовно дело е озаконет преку отисоците и трагите од плотта и крвта на самиот автор, креаторот. Тие отисоци се видливи во овие дела. Самата техника е трансцедентна, некласична. Цртежот како да е изгребан во ѕид. А порите наполнети со таинствена течност. Мувлата на ѕидот има своја функција во светот на визуелното. Пајажината во аглите на собата, темната мрснотија во фугите на тулите. Тука се судрени графичарот и сликарот со своите концепти и од овие дела ние се уште не можеме да видиме кој концепт ќе победи. Тој судир е жесток, на места со искрење и неподнослива (не)склопливост. Но, делата функционираат како такви, стои меѓу другото во каталогот за изложбата.

Ѓорги Динев е роден 1994 година во Струмица. Има завршено Средно уметничко училиште и Факултет за ликовни уметности во Скопје. Член е на ДЛУМ. Активно се занимава со сликарство и графика, а оваа е негова втора самостојна изложба.

Изложбата е дел од проектот „Инспирација од изолација-уметничка реинтеграција“, финансиски поддржан од програмата Г1 на општина Струмица за 2021 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/03/2021 10:15