„Управување со ЕУ финансии - проекти, донации, кредитни партии и слично“ и подготовка на Комуникациска стратегија на Стратегијата за локален економски развој на Општина Аеродром беа темите на дводневната работилница која се одржа во Маврово, на која беа испочитувани сите КОВИД-19 заштитни мерки. На работилницата учествуваа претставници на општинската администрација - Сектор финансии и новинари од неколку македонски медиуми.

Учесниците на првата работилница во дефинирање на Стратегијата за локален економски развој разговараа за сите можности околу управувањето со финансиските средства и други материјални придобивки од Европската Унија и начинот на нивната соодветна сметководствена евиденција, во насока на реализација на 20-тината развојни проекти на Општина Аеродром како Прва општина со ЕУ знаменце.

Раководителот на Секторот за работи на Градоначалникот, Александар Ѓоргиевски ги презентираше сите проекти пред учесниците на работилницата, како и финансиската и временската рамка за нивна реализација. Од друга страна, присутните новинари (дел од нив, жители на Општина Аеродром) дебатираа за сите проекти на Општината и го изразија своето мислење за секој проект.

Општина Аеродром е прва општина во Северна Македонија која изработува „проактивна“ Стратегија за локален економски развој, согласно највисоките европски стандарди за изработка на ваков тип стратегии. Имено, клучниот сегмент во нејзината подготовка е активната вклученост на граѓаните, невладиниот сектор, бизнис заедницата, општинските власти и медиумите. Оваа стратегија се базира на реални проекти, кои се презентираат пред заедницата и пред сите засегнати страни, кои активно учествуваат во анализата на секој проект и го изразуваат својот став за ефектите од нивната реализација.

Во рамките на оваа работилница, делегацијата на Општина Аеродром оствари работна средба и со градоначалникот на општината Маврово - Ростуше, Медат Куртовски и соодветната ресорна општинска администрација во областа на финансиите. На средбата во општинската зграда се разменија искуства во менаџирањето со ЕУ проекти и се отворија потенцијали за идна соработка на двете општини во приближувањето кон вредностите на Европската Унија.

По оваа работилница, во наредните неколку месеци, Општина Аеродром ќе ја продолжи комуникацијата и дебатата со сите засегнати страни при подготовка и реализација на Стратегијата за локален економски развој во останатите сегменти (животна средина и екологија, енергетска ефикасност, родова еднаквост, образование, спорт, рурален развој) и да разменува искуства со други македонски општини и локални самоуправи од соседните земји.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2021 12:41