Велшкиот поп-пејач Том Џонс во интервју за „Сан“ раскажа дека е „на дното“ откако неговата сопруга Линда починала од рак на белите дробови во 2016 година.

Тие биле в брак 59 години, откога биле соученици и тинејџери. Таа била со него во неговите мигови на слава, но и во неуспесите. По повод петгодишнината од нејзината смрт на неговата сопруга, Том раскажувајќи за овие тешки години од неговиот живот, открива и дека му било препорачано да побара психијатриска помош затоа што се чувствувал виновен за нејзината смрт.

-Искрено, не мислев дека ќе го преживеам ова. Одев и на терапија, затоа што постојано си велев: „Дали направив доволно? Дали ја игнорирав? Дали почна полека да бледнее без да сфати што се случува?“ Но, терапевтот ми рече: „Не, таа имаше рак на белите дробови, немаше што да се направи“, раскажува пејачот.

Тој не е сигурен дека повторно ќе може да пее, иако „таа би го сакала тоа“.

Кон крајот на својот живот, Линда страдаше од агорафобија – страв од отворен простор, што може да биде придружен со напади на паника. Ова ја оддалечи уште повеќе од бурниот живот на нејзиниот сопруг. И, иако ги затвораше очите пред неговите бројни неверства, Линда понекогаш му била лута.

-Таа е најважниот човек во мојот живот. Неверојатна жена. Линда е љубовта на мојот живот и секогаш ќе биде, дури и ако не изгледа така, нагласува пејачот.

Тие го имаат синот Марк, кој стана негов продуцент кон крајот на 1980-тите, модернизирајќи го имиџот на татко му.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2021 14:00