Во Домот на културата во Валандово во тек се активности за изработка, уредување и регистрација на археолошка збирка која ќе биде од суштествено значење за селектирање и презентирање на археолошко културолошката вредност од локалитетите во општината.

-Покрај археолошката збирка, преку Министерството за култура, годинава добивме финансиски средства за опремување, водење и збогатување на збирка со етнолошки предмети за презентирање пред јавноста, а деновиве беа донесени и две двосливни монолитни фронтони кои се дел од надгробен мавзолеј од римско време, од локалитетот кај Пирава, велат од Домот на културата.

Археолошките работници нагласија дека целта на збирките што ги подготвуваат е запознавање на граѓаните од општината и пошироко со културолошката посебност и вредност на овие простори, како и развивање на свеста и љубовта кон сопственото културно наследство, богатство и традиција.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2021 14:07